Потполно новиот дизајн и помалите димензии се карактеристиките кои на прв поглед го разликуваат од постариот модел А716. Со внимателно разгледување приметуваме дека се избегнати аглестиот дизајн и сребрената пластика, а ја нема повеќе ниту малата антена на горниот дел од уредот. На предната страна доминира колор дисплејот од 3,7” способен да прикаже 16 bit-на палета на бои (односно 65536 бои) при резолуција од 640 x 480 пиксели. Под него се навигациските копчиња, помеѓу кои доминира малиот но прецизен џојстик со пет насоки.
Експанзиските можности на овој уред се респектабилни. На располагање се два слота за Secure Digital и CompactFlash Type II мемориски картички. Секако, тука е поддршката за USB стандардот, но приклучувањето на USB се изведува преку посебен кабел-адаптер. Сериозноста на MyPal A730 ја илустрираат можностите за мрежно поврзување преку Bluetooth и Infrared конекција.Не е изоставен ниту приклучокот за слушалки, со што е овозможено уживање во омилените МП3 мелодии. Тежок е само 170 грама, што овозможува лесно носење и во џеб од кошула.
Мултимедијалноста денес е една од главните карактеристики на уредите од овој вид. Да видиме какви опции нуди MyPal A730 во тој поглед!
Корисниците секако дека ќе ги израдува вградената камера од 1.3 мегапиксели со 4х зум, која може да снима фотографии со резолуции од 80 х 60 па се до максималните 1280 x 960 пиксели. Снимените фотографии се во JPEG формат.
Но, тоа не е сe.
Со MyPal A730 можат да се снимаат и видео клипови во 3GPP или во AVI формат во 5 предефинирани резолуции, но максимално до 352 х 288 пиксели. На располагање се три опции за квалитет на снимениот материјал, посебно за видео и посебно за аудио записот и можност за избор на број на фрејмови. Менито е прегледно, богато со опции и лесно за користење. За впечатокот да биде целосен, инсталирани се и два софтвери за едитирање на фотографиите и креирање на албум од истите.
И за крај – кус осврт на оперативниот систем и софтверот. И секако, која е движечката сила на овој уред? ASUS MyPal се добива со инсталиран оперативен систем Windows Mobile 2003 Second Edition Premium од Microsoft. Microsoft е потписник и на инсталираниот Ofiice софтвер.
Движечка сила на овој интересен уред е еден од моментално најбрзите процесори наменети за ваков вид уреди, Intel-овиот PXA270 со работен такт од 520 MHz. Вградени се 128 мегабајти меморија, што е доволно за непречена
работа.
                                                                                      
Следна ->